|

ШОК: Македонија имала вселенска програма уште од 1985-та?!

Сподели го ова преку:

Од неофицијални извори, редакцијата на НЕОЗБИЛНО дознава дека Македонија имала вселенска програма и тоа уште од 1985-та година.

Финансиски проблеми, недостиг на електрична енергија, високи акцизи на горивата… Сите овие проблеми се предизвикани поради покривање на потребните трошоци за Македонската вселенска база. Но без паника, проблемите се при крај и најверојатно веќе од следната година, се ќе биде поразлично, во позитивна смисла.

Според исказот на нашиот извор, програмата била проект на бившата СФРЈ. Имено, иницијалната вселенска програма на Југославија најпрво била продадена на САД, благодарение на што НАСА успеа да испрати човек на месечината. Но таа продажба на технологија не била непромислен чекор. Всушност, Југословенските научници поставиле теорија за целосно нова технологија која би овозможила патување со брзини далеку поголеми од светлосната брзина.



Иако Југославија беше богата земја, ова сепак било преголем залак, бидејќи освен пари, потребни биле ресурси кои ретко каде во светот може да се најдат и се екстремно скапи во тоа време. Затоа, одлучено е да се продаде постоечката технологија, а парите од таа продажба да се искористат за развој на оваа целосно нова технологија. Нашиот извор не сакаше да го разоткрие името на проектот под кое се развива оваа технологија, но спомна дека најблизок познат термин кој означува доста слична технологија по перформанси, на јавноста ѝ е Ворп погонот од филмот „Ѕвездени Патеки“.

Во почетокот на 1984-та година одлучено е да отпочне изградба на тајна вселенска база во тогашна СР Македонија, бидјеќи оваа република ги имала најголем дел од природните ресурси потребни за развој на новата технологија. Под најстрога супервизија на своите најистакнати генерали, ЈНА ја завршува изградбата пред крајот на 1985. Изградбата ја вршат затвореници од озлогласениот Голи Оток како и наемници од различни други држави, со цел да не можат да одредат ниту каде се, ниту што работат. Носени се на локацијата со врзани очи, некогаш по сувоземен пат, некогаш со хеликоптери, а со цел да останат во максимална дезориентација. Локацијата до ден денес ја знаат само 5 луѓе.

Нашиот извор тврди дека Македонија веќе располага со две, а го привршува и третото вселенско летало. Проблемот на светот е што во текот на развој на оваа вселенска технологија, како нус-производи се развиени и најмалку 5 видови на супер-оружја со кои лесно може да се владее светот. Изворот не сака да дискутира ништо повеќе околу овие супер-оружја. Кажува дека Македонија моментално има арсенал доволен за владеење на нашата и уште две други планети со слична големина, а има и доволно обучен кадар кој би ги користел. Не се работело за голем квантитет, туку за оружја моќни „на други начини“.

Немаштијата во последниве над 30 години од осамостојувањето е само поради фактот што при поделбата на Југославија, ЈНА добива наредба да го повлекува целиот имот, на многу места дури и она што може да се извади од електричната инсталација во касарните бидејќи е бесна на фактот што физички не може да си ја земе и оваа вселенска база за која знае дека постои, но не знае каде. А луѓето кои знаат, се Македонци. Воедно, ЈНА е сосема свесна дека Македонија во тоа време, веќе располага со првите два примероци од новите оружја, кои веќе се доволни за да се завладее со Европа и дел од Африка, па на крај памет не им паѓало да отпочнуваат војна со Македонија, која ја задржа вселенската база, но мораше и самата да ја финансира.

Русија е еден од главните сојузници во овој проект. Откако се потврдила точноста на оваа теорија во првите лабораториски тестирања во 1989-та година, Русија почнува да го помага истиот со ресурси кои може да ги обезбеди, како и со набавки потребни од други држави, а за возврат ја добива развиената технологија под одредени околности. Моментално Русија има 2 вселенски бази слични на Македонската, но со технологија постара за најмалку 10-ина години во однос на Македонската, затоа што според договорот, Русија ја добива развиената технологија за супер-оружје со 10 години задоцнување, а вселенската со 15 години задоцнување.

Моменталните влошени односи помеѓу Македонија и Русија се само симулирање пред светската јавност. Моментално ги влечиме за нос и НАТО и целата светска заедница. Македонија 30 години симулираше огромна заинтересираност за приклучување во НАТО сојузот, но целата политика се врти на таков начин само за да им се одвлече вниманието. Токму затоа и успеавме да дојдеме до овој степен на развој. Наскоро, Македонија заедно со Русија ќе го завладее светот без војни и на мирен начин, па конечно ќе прекинат овие лудила кои се случуваат. Останува само прашање на време, но се работи за неколку дена, кога ќе се доработи планот за тоа. Токму поради тоа и добив дозвола тивко да ја раскажам оваа приказна на некој мал медиум. Го одбрав вашиот портал бидејќи информацијата ќе се прошири, но никој нема да ја сфати сериозно. Идеално според барањата на моите претпоставени.

– нашиот извор –

Кромид вест – статија напишана како вест од информативен карактер, но од хумористичен или сатиричен карактер

Не заборавајте да ја споделите оваа неозбилност!

5/5 - (2 votes)



Сподели го ова преку:

Слични Објави