ЕКСКЛУЗИВНО: Општина Прилеп станува независна република

Прилеп
Сподели го ова преку:


Доцна вечерва, општина Прилеп на итно свикана седница на собранието, со мнозински број гласови одлучи да се оддели како територија и во иднина да функционира како независна република.

Поради серија несогласувања со централната власт, советот на општина Прилеп проценил дека развојот на градот Прилеп е неверојатно многу запрен со развој. Од друга страна, градот цени дека има многу поголем потенцијал, односно има потенцијал еспоненцијално да расте и да се развива не само како економија, туку и по површина. Поради ова, општинарите одлучиле да се создаде држава во држава, т.е. Прилеп да се оддели како независна република.



Собрание на Општина Прилеп, ебаго
Собрание на Општина/Република Прилеп

По кратко истражување, нашата редакција откри дека ова најверојатно е планирано повеќе од една деценија, односно, ја откривме ФБ групата „Република Прилеп“, која е создадена пред цели 12 години (или конкретно 27.11.2009-та). На групата може да се најдат предлог апоени за Прилепската валута, грб, па дури и сопствени поштенски марки, како и планови за сопствена полиција, армија, тајна служба и ред знаменитости и спомен обележја на Република Прилеп. Работата заминала до таму што веќе организирано е и печатење на Прилепски Плејбој, The Prilep Bay (пандан на The Pirate Bay), а веќе и познати се министерот за информатичко општество, економија и внатрешни работи.

  • Дали се работи за долго кован заговор?
  • Дали е ова добро, или лошо за Прилеп?

Во моментов се организираат работи околу поставување на рампи на граничните премини Плетвар и Тополчани рано изутрина. Започнати се преговори со општина Кривогаштани, па ако општината се приклучи кон Република Прилеп, ќе се поставува граничен премин на излезот на Кривогаштани кон Крушево, а ако не се приклучува, тогаш граничниот премин ќе се мести кај Големо Коњари. Во секој случај, Прилеп ќе има спортски аеродром. Судбината на Крушево моментално исто така зависи од одлуката на општина Кривогаштани. Ако оваа општина се приклучи кон Република Прилеп, тогаш Крушево исто така ќе добие понуда за приклучување кон новата република, ако не, тогаш физички не би било можно, независно од желбите на Крушевчани. Исто така не е познато каде ќе се поставува границата на западната страна, еднинствено е јасно дека таа граница ќе се поставува после Мажучиште, но дали ќе оди до Ропотово, дали Долненската општина би сакала да се приклучи кон Република Прилеп, па новата република ќе се шири на уште поголема територија, останува нејасно. Но имаме информација дека се отпочнати преговори околу овие проблематики. На Југо-источната страна, кон Мариово, нема закажано преговори, бидејќи тој дел секако си припаѓа на сегашната општина Прилеп. Освен тоа, до овој момент никој не успеал да стапи во контакт со било кој од тројцата жители кои сеуште живеат во Мариовскиот крај.

Остануваат неодговорени прашањата:

  • Дали градоначалникот по автоматизам ќе биде претседател на Република Прилеп, или ќе има нови избори за тоа?
  • Дали советот на општината ќе стане парламент?
  • Ќе има ли дополнителни избори?
  • Како ова ќе го прифати актуелната држава?
  • Дали границите ќе се поминуваат со лична карта, или ќе мора да се користи пасош?

Редакцијата на НЕОЗБИЛНО веќе побара состанок со актуелниот градоначалник, но бевме известени дека по напорното попладне во кое се донеле серија големи одлуки, тоа едноставно не е можно, иако градоначалникот е расположен за интервју. Како и да е, во текот на утрешниот ден, секако ќе се организира прес конференција за медиуми за која ќе добиеме специјална понуда, како и сите други Прилепски медиуми.

Затоа, редовно следете го НЕОЗБИЛНО!

ДОПОЛНУВАЊЕ: Само неколку минути по објавувањето на ова вест, нашата редакција беше контактирана од страна на службено лице од општина Република Прилеп и нѝ беше кажано дека че биди наложено на локалните медиуми во иднина да се пишува и зборува исклучиво на Прилепски дијалект од Македонскио јазик.

-„Било шо било до сега, од сега че известувате и че пишувате само на Прилепски. Шо република че бидиме, ако немаме сопствен јазик, ебаго?! И ко вејче спомнаф, зборо ебаго, според закон, че мора да се појавува најмалку еднаш во секоја објава!“ – рече службенико, ебаго.

Имено, било предвидено дека че се дозвола 3 месеци за навикнување, точно до 31ви март, а после то ч’имало парични казни, пропишани во Прилепска валута. Да бидиме искрени, ние во редакцијава ич немаме проблем со то, оти нас нѝ е многу полесно да си пишуваме по Прилепски, ебаго.

Фотографии: Викимедија



Сподели го ова преку:

Слични Објави