СКАНДАЛ: Арамии го претепале оти немал ни 1 денар да му украдат!
Бурна и невообичаена ноќ имал Ристе Беспарешковски од Прилеп, кој доцна синоќа бил дочекан од арамии кои влегле во неговиот дом, за да го ограбат, но не успеале да најдат ништо вредно во неговиот дом, па одлучиле да го почекаат и да му одржат лекција.
Еве што нѝ раскажа Ристе за неговата средба со араммите:
-Бев излезен в град, пристигнав дома околу 22:40, носев кеса со зарзавати… не забележав дека влегле арамии. Портата одамна падна, а немав пари за да направам било каква поправка. Исто и цилиндарот на бравата одамна е расипан, но бидејќи немам ништо вредно дома, немам ниту потреба воопшто да заклучувам.
Еден ден пред 4-5 години исто така ми влегол арамија дома. Кога се прибарав, најдов 500 денари на креветот. Ги оставил арамијата, со ливче до нив на кое пишуваше „Влегов да крадам, ама ти брат си бил бетер од мене. Ми падна грев, па ти оставив 500 денари, да ти се најдат“. Тогаш бев многу воодушевен од гестот на арамијата. Но сношти се случи нешто сосема поинакво.
И арамиите веќе не се тоа што беа некогаш – се жали Ристе
Кога влегов дома, на креветот седеа двајца мажи со некакви капи и маски. Штом ме видоа, веднаш рипнаа. Мислев, арамии ко арамии, се исплашија дека ги начекав на дело и ќе избегаат. Ама, наместо да избегаат, едниот ме фати и ме повлече накај креветот, другиот со ортома ме врза за креветот и почнаа да ме тепаат. Им реков дека може да земат што сакаат, дека нема да пријавам во полиција, само да не ме тепаат. Тогаш почнаа да удираат уште посилно и да ми кажуваат дека нема што да земат, па затоа ме тепаат. Рекоа дека им е смачено да влегуваат по куќи и да наоѓаат по 200 – 300 денари или по некоја ситница колку да не им е џабе провалата, ама кај мене немало ни толку. Удирајќи ме ми велеа да најдам работа и ми се заканија дека следниот пат кога ќе провалат кај мене, ако не најдат што да украдат, ќе ме тепале уште повеќе, а можеби и ќе ме убиеле – низ солзи нѝ раскажува Ристе.
Ристе вели дека сиромаштијата му е традиционален семеен бизнис и дека во нивното семејство уште од дедо-прадедо, од времето на турското, никој не работел ништо и никој немал ништо, а тој не сакал да ја прекршува таа семејна традиција.
Се обратил во полициска станица, но вели дека кога им раскажал што се случило, гласно се изнасмеале и му кажале друг пат да не пие толку многу и да не ги зафркава. Не му верувале и покрај тоа што им кажал дека никогаш во животот не се напил ниту капка алкохол, бидејќи немал пари за таков луксуз, но полицајците уште еднаш се изнасмеале и потоа го избркале од станицата, уверени дека си фаќа сеир со нив.
Немајќи каде да се обрати на друго место, замоли да ја објавиме неговата приказна на нашиов портал, на што му кажавме дека нема проблем со тоа да ја објавиме сторијата, но на нашиот портал никој нема да го сфати озбилно. Сепак, Ристе инсистираше да пробаме, бидејќи смета дека неговиот живот е во опасност, а објавувањето на неговиот немил настан е последно нешто што му преостанува да направи за да се спаси.
Ако имате идеја како може да му се помогне на Ристе, или сакате да контактирате со него, обратете се во нашата редакција за контакт информации.
Текстот е кромид вестКРОМИД вести се невистинити, забавни / хумористични текстови, напишани во стил на новинарска статија / вест.
Ако Ви се допадна и Ве насмеа текстот, споделете го со вашите пријатели на социјалните мрежи, да се насмеат и тие, бидејќи насмевката е за да се сподели со сите, а најмногу со блиските и пријателите кои нѝ значат.
За да не Ве мачиме околу споделувањето, поставивме копчиња за споделување под (и над) текстот 😉
Ви благодариме.
Фото Arturo Avila на Foter