Michaelsoft Binbows ( +video )

Сподели го ова преку:


Michael Binbows – да, добро прочитавте – Мајклсофт Бинбоус.

Ова е една од најчесто ре-објавуваните фотографии речиси откако постои Интернетот, но истовремено е и една од најголемите Интернет мистерии (која ќе ја разрешиме сега и овде).



Се поставуваат многу прашања:

  • Дали ова е фото-монтажа?
  • Дали се работи за вистински производ?
  • Дали ваква фирма навистина постои/постоела?
  • Што всушност е овој производ или што работи оваа фирма (ако навистина постои или постоела)?
  • Каде е овој знак, ако не се работи за фото-монтажа?
  • Дали некој се обидувал да направи плагијат на Microsoft Windows?

Овие и уште многу други прашања си ги поставувале многумина, но Ник Робинсон одлучил целосно да ја истражи приказната околу Microsoft Binbows и прилично детално ја раскажува целата истрага во неговото видео на YouTube (објавено најдолу во нашава приказна), па благодарение на него, можеме да Ви ја раскажиме приказната позади оваа мистерија.

Основниот проблем е што всушност, не постојат многу информации околу Michaellsoft Binbows (барем не кога истражувал Ник), а на Интернет е насекаде распространета истата слика, ре-објавувана, потсекувана, ре-брендирана од различни портали, ФБ групи итн., ре-компресирана стотици, ако не и илјадници пати. И тука е првиот ќор-сокак.

Широко распространетата слика од Michaelsoft Bimbows

Немајќи повеќе информации освен самата фотографија, Ник најпрво почнува токму од неа. Знакот е напишан со Јапонски симболи, па за почеток го преведува. Првата линија, над логото, во превод од Јапонски значи „Продавница за половни компјутери и компоненти“. Сега веќе имаме некоја трага. Симболите од левата страна, во превод значат „многу евтино“ или „супер евтино“.

Сето тоа во ред, но зошто Binbows? И што е финтата со Michaelsoft?

Ник продолжува со истрагата во насока на Јапонскиот јазик, па доаѓа до информација дека Binbo на Јапонски значи „сиромашен“ или „сиромаштија“. Значи, се работи за игра на зборови, која всушност носи јасна порака – ако сте сиромашни, ние имаме многу евтини половни компјутери кои можете да си ги дозволите.

Michaelsoft е едноставно – јазична шега. Имено, името Мајкл е многу често име во земјите од Англиско говорно подрачје. Толку често, што зборот Мајкл си го нашол местото и во Јапонскиот речник. Дополнителна финта е што разликата помеѓу зборовите „Microsoft“ (マイクロソフト) и „Michaelsoft“ (マイケルソフト) напишани со јапонски симболи, е само во два средишни симболи во зборот, па напишани на Јапонски, двата збора се премногу слични. Симболите долу, на портокаловата позадина, на Јапонски испишуваат „Michaelsoft“.

Според досегашната анализа, многу е веројатно дека ова место навистина постои (или постоело). Но каде? Да, најверојатно некаде во Јапонија, но Јапонија воопшто не е мала како што на прв поглед изгледа на картата на Светот. Всушност, голема е приближно колку целото источно крајбрежје на САД, значи зборуваме за доста голема територија каде оваа продавница можеби постои? Доколку не постои и денес, тоа го комплицира проблемот таа да се пронајде, а најголемиот проблем е што всушност, никој не може со сигурност да каже дали воопшто постои или постоела. Ако се претпостави дека продавницата е во Токио на пример, без дополнителни информации, тоа би било потешко отколку барање на игла во стог сено, од проста причина што Токио има речиси 2 милиони згради. А што ако не е во Токио? Сепак, рековме, Јапонија е многу голема земја.

Ник продолжува со пребарување на Интернет во надеж дека ќе најде барем некоја дополнителна информација, но постојано завршува на хумористични сајтови (Оф, која иронија? Па еве и нашиот сајт е токму таков, иако оваа статија е сериозна 🙂 ). Неможноста да се најдат ама баш никакви информации ја зголемува шансата дека оваа продавница најверојатно не постои, но тоа не значи дека не постоела, иако ниту за тоа нема сигурна информација.

Нашиот херој од приказнава, Ник, е упорен дечко, па продолжува со пребарување на Google, но без некој посебен успех. Сепак, по подолго пребарување, конечно се појавува некој Јапонски сајт кој го спомнува терминот „Microsoft Binbows“ и тоа во 2002-ра година. Ронка надеж во истрагата за една Интернет мистерија која трае околу 2 децении, што е малку помлада од целата историја на широко-достапниот Интернет. Сајтот е всушност мал личен блог на 51 годишен Јапонец со име Адачи Јошинори.

Адачи е упорен тип, како и нашиов херој Ник. Тој го стартувал својот веб сајт во 1996-та, пред 25 години и од тогаш редовно го ажурира. Љубител е на возови, видео игри, фотографија, музика… За секоја тема, си има и одделни страни на веб сајтот. Секако, како што и би очекувале, малку е ексцентричен. Забележува работи кои повеќето луѓе воопшто не би ги забележале и уредно ги документира на својот блог, веќе 25 години. Сајтот има магичен изглед на вебсајт од 90-тите. Ако сакате да ја почуваствувате магијата на овој сајт, посетете го на овој линк во својата оригинална верзија, на овој линк автоматски преведен (од Google Translate) на Англиски, или на овој линк автоматски преведен на Македонски.

Michaelsoft Binbows од сајтот Alf’s Room

Ник тука за прв пат доаѓа до слика од продавницата Michaelsoft Binbows која е поразлична од нашироко распространетата. Друг агол, конечно! Нема што многу да се види, но дефинитивно може да се види продавницата од подруг и многу подобар агол, а од текстот на страната дознава дека оваа продавница навистина постоела, но е затворена отприлика на крајот од 2002-ра година.

Секако, Ник пробува да контактира со Адачи, иако Адачи на сајтот јасно пишува дека одговара само на пораки на Јапонски. Тука доаѓа во игра Google Translate, но очекувано, иако пораката е машински преведена на Јапонски, Ник не добива одговор од Адачи. И покрај тоа, ексцентричноста на Адачи овде доаѓа во пресрет и е од голема помош. Имено, Адачи на секоја фотографија пишува датум и место на фотографирање, па Ник конечно дознава дека оваа фотографија е направена на 20 јули 2001 година, во некое место кое се вика Коаигимачи, во градот Маебаши! Бесценета информација за нашава приказна.

Коаигимачи е во близина на Токио, градче со околу 1000 домаќинства. Сепак, релативно голем простор, но конечно можноста да се лоцира објектот во кој постоела сега веќе одамна затворената продавница Michaelsoft Binbows, сега изгледа веројатна. Но има нов проблем – неможноста да се патува поради актуелната состојба. Спомнавме дека нашиов херој Ник, всушност навистина планираше да оди таму? Не? Е па, еве, спомнуваме сега 🙂

Како што веќе кажавме, Ник е упорен дечко. Ако не може да оди во Јапонија физички, ќе си најде алтернативен начин. Google Earth VR – во главно, нормален Google Earth ама адаптиран за гледање во Виртуелна Реалност, секако со соодветна ВР кацига. Сликите во рака и правец Коаигимачи. Не знае од каде да почне, па почнува на сосем случајно одбрана точка, често помислува дека го пронашол местото, но греши.

Поминува можеби повеќе од еден час и почнува да се помирува со фактите. Можеби зградата има нова фасада, или сменета дограма, нов покрив. Можеби е целосно реновирана. А можеби едноставно е урната и веќе не постои. Сепак, знаеме само дека оваа продавница постоела пред околу 20 години, а од тогаш, секако дека можело да се случат многу различни настани. И токму кога Ник посакува да се откажи, лево од него случајно здогледува еден објект кој му делува многу познато.

Конечно. Мистеријата е официјално решена и објектот каде некогаш постоела фирмата Michaelsoft Bimbows е пронајден!

Ова истражување и целава приказна, Ник ја објавува на 16 мај 2021 на својот YouTube канал. Од тогаш стапуваат во контакт со Адачи, сајтот Alf’s Room има посветена страница на англиски за Michaelsoft Bimbows, а денес веќе ова место е своевидно одбележје на Коаигимачи. Да, сега многу лесно можете да го најдете на Google Maps, веќе е обележано и можете да го посетите сега и веднаш, во вашиот прелистувач, со едноставен клик овде 🙂

Нам не нѝ преостанува ништо, освен да Ви го пренесеме видеото на Ник, каде целава приказна ќе ја чуете од прва рака, многу понадолго и понашироко, раскажана од нашот херој, без кој Michaelsoft Bimbows денес сеуште ќе беше нерешена Интернет мистерија, Коаигимачи сеуште ќе беше непознато место за нас, Alf’s Room сеуште ќе беше речиси непосетуван блог вебсајт, името Адачи Јошинори сеуште ќе беше само непознато Јапонско име, а ние немаше да ја имаме оваа прекрасна приказна, за една од најраспространетите смешни слики на Интернет.

Оригиналното видео од Ник Робинсон, за неговата авантура во која ја разоткрива мистеријата за Michaelsoft Bindows
Michaelsoft Bimbows – некогаш и сега


Сподели го ова преку:

Слични Објави