Мисија – ГРБ 🤔

Сподели го ова преку:


Па, ете, решивме пак да се зафатиме за нешто важно – да го смениме грбот на државата. А и зошто да не? Низ историјата веќе се докажавме како мајстори на промените: знаме сменивме, име сменивме, двојазичност воведовме, устав разгледуваме… Па, што е уште еден грб? Само да не бидеме обвинети дека не сме доволно иновативни!

Идеите за новиот грб се веќе на маса. Некој предложи да ставиме лав, но веднаш се сетивме дека тоа веќе го има некој друг, па можеби ќе се сфати партиски… Можеби некоја птица? Ама, која? Галебот е премногу банален, а орлите се веќе зафатени, иако тоа веројатно не би нѝ пречело… Можеби некој домашен домат? Тоа би било уникатно, ама не знам дали е доволно „грбозно“.



Се разбира, има и поекстремни идеи. На пример, да го направиме грбот како мевот. Знаете, како што велиме: „ќе ти го направам грбот како мевот“ – едноставно, да го омекниме додека не стане мек како стомакот на некој што премногу јаде турли тава. Можеби тоа би било симбол на нашата флексибилност? Или пак, на нашата способност да се прилагодуваме на секоја ситуација, дури и ако тоа значи да омекнеме малку.

Но, ете, има и една радикална идеја: што ако едноставно одлучиме да немаме грб? Сериозно, зошто да се мачиме? Низ историјата веќе се докажавме дека сме држава на… ех, ај да не велам… Ама, ако треба да бидеме искрени, можеби сме малку „мекотели“ во одлучувањето. Сменивме сѐ, променивме сѐ, прилагодивме сѐ на секој можен начин. Па, можеби едноставно не ни треба грб, зошто предуслов за грб е – `рбет. Можеби сме го надминале тоа. Можеби сме еволуирале некако… без него.

И така, ете, ова е нашата нова визија: држава без грб. Затоа што, ако нешто сме научиле од последните 34 години, тоа е дека најдобро функционираме кога не сме врзани за некоја цртана слика на штит. Ако некој некаде некако не го разбира ова, едноставно ќе му го направиме грбот како мевот (…во објави на социјалните мрежи, де. Таму сме најсилните воини) и ќе продолжиме понатаму.

Па, што велите? Грб или не грб? Тоа е прашањето. Како и да е, како и секогаш, ќе одлучиме… некако. Или пак, можеби нема да одлучиме. Тоа е уште една опција.



Сподели го ова преку:

Слични Објави