Данок за ергени и моми, попуст за швалери! – МОЈА ШВАЛЕРКА 1.0

Сподели го ова преку:


Во целата збрка и брзање да ја критикуваат владата, сите медиуми пропуштија да известат за позитивната работа во воведувањето на данок за ергени и моми.

Имено, по воведувањето на данокот, веднаш ќе биде пуштена во употреба и апликацијата „Моја ШВАЛЕРКА“, која ќе генерира поврат на данок на оние кои покрај сопруга, имаат и швалерка или швалерки! Оваа апликација е веќе спремна, тестирана и веќе во финална верзија 1.0, само се чека да се објави на Google Play store. Важно е да се напомне и тоа дека апликацијата нема верзија за Apple уреди, ниту пак се планира да има, затоа што владата смета дека кој има доволно за iPhone, не заслужува поврат на данок.



Редакцијата на „Неозбилно“ успеа да дојде до ексклузивна фотографија на која се гледа екранот при отворање на апликацијата.

Сѐ што треба е да ја инсталирате апликацијата и со неа да ја скенирате вашата швалерка во било кој ден од месецот. Доколку имате повеќе швалерки, може да ја скенирате секоја од нив и ќе добиете поврат на данок за секоја, а доволно е да се скенира секоја швалерка само еднаш во месецот.

Повратот на данок ќе биде фиксно 45% од она што месечно ќе го плаќаат еден ерген или мома, за секоја скенирана швалерка, но нема да преминува 700 евра месечно, дури и ако имате доволно швалерки за повисока сума.

Од сето изложено, може да видиме дека за разлика од претходната, оваа влада не сака да го малтретира народот со секојдневно скенирање за ситни пари и нуди многу повисок поврат на данок.

Други информации кои пропуштија да ги пренесат медиумите се тоа дека разведените ќе плаќаат 50% понизок данок за ергени и моми, но само ако се развеле пред донесувањето на законот, но оние кои ќе се разведат по донесувањето, ќе плаќаат двојно. Па, ако сте нешто во план, побрзајте!

Неозбилно дознава и тоа дека на социјалната мрежа Фејсбук веќе се оформила група наречена „Сингл патриоти“ во која членуваат сингл граѓани и граѓанки кои одлучиле дека и покрај воведувањето на овој данок, сепак нема да се врзуваат во брак од патриотски причини, поточно токму за да треба да го плаќаат овој данок, со што ќе придонесуваат повеќе од другите за државниот буџет.

Во неофицијално интервју, неколку членови на групата нѝ потврдија дека веќе ја имале запросено својата избраничка, но откако разбрале за воведувањето на овој данок, веднаш ја откажале венчавката, бидејќи не се циции како некои кои дури и ако се разведат, брзаат што побрзо да се преженат или премажат.

Од друга страна, членови на групите „Македонци во Германија“ нѝ пишаа дека планирале да се враќаат во својата родна Македонија затоа што биле револтирани од односот на Германија, т.е. од тоа што им наплаќа повисоки даноци само затоа што одлучиле да не се женат или мажат, но со објавувањето на оваа информација се разочарале и веќе почнале да ги откажуваат плановите. „Што бараме дома кога очигледно веќе и таму се губи демократијата и слободата на избор, која во Европската Унија веќе одамна е изгубена низ аналите на историјата и во денешно време само се зборува како сеуште да ја има, но всушност не постои“ – велат тие.

Како што можете да заклучите и самите, воведувањето на овој данок предизвикува различни, често спротивставени ставови и мислења кај различни граѓани.

Како и да е, јас одам да си барам швалерка …или две. А вие, како сакате.



Сподели го ова преку:

Слични Објави