СТАРА NOKIA 3310 ПРИЧИНА ЗА ВЧЕРАШНИТЕ ЗЕМЈОТРЕСИ

Nokia 3310
Сподели го ова преку:


Nokia 3310 загината пред 20-ина години во нива во близина на Лерин, била причината за вчерашните земјотреси, јавува грчката новинска агенција АНА-МПА.

Локален земјоделец го загинал својот телефон уште првиот ден откако го купил. Вели дека батеријата била целосно полна, го извадил од полнач и заминал на нива да си ги брка полските работи, но телефонот никогаш не го видел повеќе.



Како и кога Јанис ја загинал својата Nokia 3310

-Сигурно некако ми паднал од џебот без да забележам. Многу ми беше криво, го барав цела недела, но не успеав да го најдам. Можеби беше покриен со земја, бидејќи тој ден орав кога ми загина телефонот – со насолзени очи нѝ раскажува Јанис Посиодолус. Претходниот ден зедов добри пари од претходната реколта и решив да се почестам со убав мобилен телефон. Уште ниту бројот не си го знаев, ама ми беше мерак да го носам. Голема грешка направив што веднаш не купив и футрола за на појас и многу ми беше криво што не успеав да му се порадувам.

Nokia 3310
Nokia 3310

Јанис ја пронашол својата непрежалена Nokia 3310

Како и да е, попладнево Јанис отишол на нива за да провери дали се е во ред, но чул чуден звук. Следел од каде доаѓа звукот и набрзо ја пронашол својата одамна загубена и никогаш непрежалена Nokia 3310.

-Се расплакав кога конечно си го видов телефонот после толку години. Имаше 14 пропуштени повици и трепкаше индикаторот за батерија. Кутриот, не беше наполнет откако го изгубив. Веднаш истрчав дома и го побарав полначот во визбата. Откако батеријата собра душа и се наполни до една цртичка, завртив на бројот кој направил 14 повици почнувајќи од сношти. Погрешен број, нормално. Бројот не си го знаев ниту самиот јас.

Откако си дојдов при себе од голема радост, се сетив дека имаше пропуштени повици колку што имаше и потреси. Се јавив во метеоролошката станица во Лерин и им кажав за случајот. Ми се смееја, но сепак пратија вештак од полицијата. Тој потврди дека секој од повиците совршено се поклопува со времињата на потресите.

-Знаеме дека овие телефони одлично држеа батерија, но 20 години е навистина импресивно. Исто така, вибрацијата им беше силна, но ниту во кошмар не би помислил дека Nokia 3310 може да предизвика толку силни потреси – вели господинот Вестакулос – вештак од Леринската полиција.

Експерти од Финска, на пат да го видат овој исклучителен примерок

Јанис сака да го користи телефонот, но ќе мора да се стрпи уште малку. Експерти од Нокиа се на пат од Финска за Грција, со цел да го извештачат овој исклучителен експонат од нивно производство и да потврдат дека истиот е безбеден за користење, земајќи ги во предвид случувањата.

Потврдено е дека Нокиа сака да го откупи телефонот на Јанис за 2 милиони евра, со цел овој примерок да го постави како експонат во нивниот музеј во фабриката во Финска, но Јанис не сакал да чуе. Преговарач го убедил Јанис да го продаде овој примерок на Нокиа откако „ќе му помине меракот“, по две до три години, а во меѓувреме телефонот ќе се осигури на вредност од 2 милиони евра преку осигурителна компанија, секако, на целосен трошок на Нокиа.

КРОМИД ВЕСТневистинит, хумористичен текст, напишан во стил на новинарско известување, кој има за цел да ја насмее публиката

НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ ДА ГО СПОДЕЛИТЕ ОВА СО ВАШИТЕ ПРИЈАТЕЛИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ



Сподели го ова преку:

Слични Објави