Наука за снегулките ( + видео )
Сите ги сакаме, но дали сте помислиле дека постои цела наука за снегулките?
*иако обично сакаме да уживаме во нивната убавина само под услов да нѝ е топло, барем ние во редакцијава 🙂
Не само што постои наука за снегулките, туку има човек кој својата кариера како физичар, ја посветил на неа.
Дали некогаш сте се запрашале:
- Дали сите снегулки се убави?
- Какви форми постојат?
- Како точно настануваат?
- Како спротивните страни на снегулката се совршено идентични?
- Зошто сите снегулки се плоскати?
- Навистина ли не постојат две идентични од овие кристални убавици?
Одговорите на овие и уште многу прашања ќе нѝ ги разоткрие Дерек Мулер преку видео на неговиот YouYube канал, во кое му гостува д-р Кен Либрехт (хмм, всушност Дерек е на гости кај Кен), кој својата кариера како физичар, практично ја посветил на проучување на снегулките. Да, дури и издавал книги за снегулките …па добро, берем додека успешно се продавале 🙂
Дали сите снегулки се убави?
Снегулките од секогаш биле фасцинантни, но и мистериозни за човекот. Всушност, токму во тоа е и нивната магија. Првиот човек кој ги фотографирал е Американскиот метеоролог Вилсон А. Бентли, кој од 1885-та година успеал да направи преку 5000 макро фотографии од снегулки со тогаш достапната фотографска технологија, а избор од тие фотографии објавил во книгата „Снежни кристали“, која до ден денес се печати.
Секако, Бентли одбирал најубави и најсиметрични снегулки кои ги фотографирал. Од сите фотографии, во книгата ги објавил најубавите, се разбира.
Какви форми на снегулки постојат?
Дали сте знаеле дека онаа форма на ѕвезда, која сите ја замислуваме кога помислуваме на снегулка, е всушност само еден од можните видови?
Постојат и такви во стапчеста форма, форма на игличка, чашка, куршум…
Интересно е што секоја ваква кристална убавица настанува спонтано. Нема ДНК што ќе каже како да се создаде, што и како треба да се случи, па сепак, спонтано замрзнување на водена пареа, се претвора во едни од најпрекрасните кристални форми кои сме ги виделе. Идентификувани се околу 35 основни видови. Всушност, различни луѓе идентифукувале различни видови, па Јапонците на пример, успеале да ги класифицираат во 108 основни вида, но д-р Либрехт смета дека тоа се премногу и 35 е оптимален број на видови, во кои останатите може да се идентификуваат како под-видови. Спомнавме ли дека д-р Кен има и веб сајт посветен на снежните кристали?
Како настанува снегулка?
Да го прескокнеме стандардниот дел каде водата испарува, лебди во атмосферата итн. Важно е да знаеме дека замрзнувањето најчесто нема да се случи веднаш штом температурата е 0 степени целзиусови. Всушност, потребна е температура од неколку степени под нулата, но секако дека во еден момент, барем една капка ќе замрзне – и тогаш почнува магијата.
При замрзнувањето, оваа капка формира кристал во форма на шестоаголна призма. Зошто шестоаголна? Поради природата на атомот на водата и секако, основните закони на квантната механика 🙂
Сега, откако се оформила основата, следува „растењето“. Во зависност од условите, како воздушен притисок, температура, температурни промени, влажност итн., призмата може да порасне во форма на стапче, игличка, чашка, куршум или можеби онаа на која ние (не знам за вас, ама ние 😉 ) најмногу се надеваме – ѕвездичка.
Дали постојат две идентични од овие кристални убавици?
Д-р Кен се смее на ова прашање. Секако дека не постојат, исто како што не постојат две идентични дрва, ниту пак две идентични зрна песок. Едноставно, лудо би било да очекуваме да постојат две идентични снегулки, едноставно поради комплексноста на процесот при кој се создаат овие уникатни кристали.
Сепак, во лабораториски услови, теоретски може да се создадат две исти вакви форми. Не идентични, но доволно идентични за да нѝ изгледаат исто, слично како идентични близнаци кај луѓето. Не се целосно идентични, но многу е тешко да ја видиш разликата. Токму од оваа причина д-р Кен ваквите снегулки ги нарекува „снегулки близначки“.
Погледнете го видеото за науката за снегулките
Ако целава приказна ви изгледа интересно, погледнете го видеото на Дерек. Сето ова што го раскажавме е многу подетално образложено, прикажани се прекрасни анимации и многу, многу фотографии од најразлични снегулки, а сето тоа во опуштен разговор со д-р Кен.
Насловна фотографија: Aaron BurdenUnsplash