ПРИЛЕП – СВЕТСКА ПРЕСТОЛНИНА НА ЛЕЖЕЧКИОТ ПОЛИЦАЕЦ
Како со 1.000 полицајци сакаме да спасиме 1 живот годишно, а тивко загрозуваме 100 други и го чиниме секој возач по 700 евра
Од наш известувач кој возеше 30, а кочеше 47 пати за 2 километри.
Прилеп доби нова атракција. Не се Маркови Кули. Тоа е рели стазата од Тризла до Варош. Туристичката тура наскоро ќе биде и официјална: водич со штака ве води од полицаец до полицаец и ви ја раскажува легендата за секој. “Овој е од 2019-та, го ставија после комшијата Миле. Оној е од 2021-ва, го ставија затоа што комшијата на Миле се налути зошто кај Миле има, а кај него нема. Оној третиот никој не знае зошто е, ама убав е.” (што би рекол Тони Михајловски во „Парада“ – „мало је педерски, ал је лепо“).
Турата трае 4 часа на 400 метри. Вклучена е и бесплатна презентација на кршење на зглобови и амортизери од автомобили.
Лежечките полицајци во Прилеп се размножија, ко што вика народот – ко ковид во Италија. И да бидеме фер, потребата е реална и високо оправдана.
Во секој град има едно 17 синчиња на видни луѓе кои дивеат со 120 низ маало со голф двојка без издув. Полиција не смее да ги казни, камера не успева да ги слика (брзи се). Што да прави општината? Нормално, да го казни целиот град. Да стави лежечки полицаец пред секоја куќа. Така синчињата ќе мора да успорат, а ако го скршат картерот, ќе плати татко им. Социјална правда на македонски начин.
И работата е сфатена толку сериозно што веќе имаме врв на инженерството: на кејот покрај реката, едносмерна улица, широка колку за една кола, има 2 лежечки полицајци на 20 метри растојание. Зошто? Па зошто да не? Може некој ќе влезе од спротивна насока. Може ќе вози во рикверц со 80. Може ќе излезе некој од реката. Никогаш не знаеш. Сериозна е работата.
Математиката што боли
Еден автомобил 1.300 кила. За да тргнеш од 5 км/ч, колку што мораш да застанеш пред нашиот уметнички полицаец, до 20 км/ч после него, ти требаат 19 килоџули. Ама во прва брзина моторот работи со ефикасност на залегнат студент во последна година на студии (околу 18%) и со збогатена смеса. Тоа е она 50-70% гориво што го гледаш на борд, наместо 7% кога одржуваш брзина.
Резултат: За 100 метри со 2 полицајци трошиш 45 до 70 милилитри. За истите 100 метри со константни 30 км/ч трошиш 15-20, односно 150 до 250% повеќе.
Скала за Прилеп: 100.000 таблички, нека возат само 20% дневно, нека поминат само 3 пати преку 2 полицајци. Тоа се 60.000 поминувања дневно.
Дневно: 1.920 до 2.820 литри гориво фрлени за кочи-тргни.
Годишно: 701.000 до 1.029.000 литри. Околу еден милион евра годишно.
А нели 60% од возилата ни се дизели стари 10+ години, оние убавите. И тука доаѓа омилениот македонски спорт.
Просечниот Македонец е спортист. Внимава моторот да не му биде загушен. Затоа прво што прави кога ќе купи семеен дизел караван 2.0 ТДИ од 2008-ма, возило што во остатокот од светот се користи за драг-трки, рели и неретко Формула 1, е да му извади ДПФ филтер и катализатор. Зошто да имаш загушен мотор, кога наместо тоа можеш да имаш загушени деца и сограѓани? Добиваш 5 коњи повеќе и звук ко трактор. Техничкиот е формалност, казна нема, а вредноста при тјунирање е непроценлива.
И сега замисли ја комбинацијата: ваков “отпушен” караван, без ДПФ, како тргнува од прва после полицаец. Тоа не е издув, тоа е хемиско оружје.
Екологијата на прагот
Дополнителната емисија само од тој ритуал за Прилеп е:
Дневно: 4.8 до 7.1 тони CO2, 26 до 53 килограми NOx, 66 до 132 килограми CO и 1 до 3 килограми чист ПМ саѓи.
Годишно: 1.765 до 2.596 тони CO2, 9 до 19 тони NOx, 24 до 48 тони CO и до еден тон саѓи.
CO2 не те гуши на улица, ама NOx и ПМ да. И тоа точно таму каде што бабата од 81 година чека да помине улица, каде што децата си играат. Пик на загадување 3 до 5 пати поголем 10 секунди после секоја кола (токму додека пешакот поминува, за убаво да може да си ги вдиши честичките кои „му го спасуваат животот“).
И тогаш се поставува прашањето од насловот: Ако со 1.000 полицајци штитиме статистички помалку од 1 живот годишно како пешак, дали со 1.700 тони CO2, 19 тони NOx и тон саѓи што ги фрламе во маала, дискретно не загрозуваме 10, 20, 50 животи од белодробни заболувања, плус економски ги оштетуваме сите?
Колку те чини тебе лично?
Ако возиш 10.000 км годишно, од кои 3.000 км низ град каде што има полицаец на секои 100 метри, тоа се 30.000 премини годишно.
30.000 x 17 милилитри = 510 литри дополнително гориво годишно.
Тоа се 714 евра годишно фрлени.
Ако возиш повеќе низ град, одиш на 1.700 литри и 2.380 евра. Скоро една плата само за да кочиш.
*велиме скоро една плата, затоа што просечната плата во Прилеп е 2750 евра нето, нели?
А можеше со цвеќе
Цел свет веќе не става планини од асфалт. Става:
- Перница: Гумена перница на средина од лентата. Ти поминуваш со 30, автобусот и брзата помош поминуваат меѓу неа. Трошиш 3.5 милилитри наместо 21. Заштеда 89%. Прилеп би заштедил 666.000 литри годишно.
- Подигнат пешачки: Полицаец и пешачки во едно. Пешакот е на пиедестал, безбедноста е 100% подобра, потрошувачката 70% помала.
- Жардињера: Она што го видов во Германија. На секои 50 метри огромна цветна жардињера. Еднаш десно, еднаш лево, еднаш десно. Не кочиш до нула, вртиш волан. Ако возиш 50, ќе ја закачиш. Ако возиш 30, си правиш слалом меѓу цвеќиња.
И тука мора да признаеме: Германците се глупи. Многу глупи. Наместо да фрлат две лопати асфалт за 100 евра, тие трошат пари на бетонски жардињери, семе за цвеќиња, земја, наводнување, човек што ги полева и одржува. Кој ќе го плаќа тоа? Која е логиката да имаш убава, зелена улица без чад, каде што комшиите се натпреваруваат чие цвеќе е поубаво, кога можеш да имаш улица со 22 полицајци, 700 евра трошок по возач и облак црн чад?
Ние сме попаметни. Ние за 100 евра решаваме еден проблем и создаваме пет нови. Тоа е ефикасност.
Затоа, повелете во Прилеп. Турата “Од полицаец до полицаец” наскоро почнува. Понесете таблети против мачнина. Препорачајте на луѓе кои страдаат од камен во бубрег. Не од патот. Од логиката е.



