Готово! Влегуваме во ЕУ – преку САД!

Па, ете, решивме да го смениме пристапот. Нема да чекаме повеќе ЕУ да се ослободи од своите бирократски маки и уцени на вчера припоени членки, за конечно да нè повика на забава. Не, не, ние сме Македонија – народ кој знае да импровизира. И затоа, најдовме нов пат: ќе влеземе во ЕУ, ама преку САД. Како? Еве ја генијалната стратегија:
- Прво, ќе ги убедиме Американците дека сме нивни најдобри пријатели.
Веќе имаме неколку аргументи:- Ние имаме „Македонска“ пита, а тие имаат „Американска“ пита. Тоа е очигледен знак на културно сродство.
- Ние имаме Крсте Мисирков, а тие имаат Томас Џеферсон. И двајцата пишувале нешто важно, па значи сме на иста бранова должина.
- Ние имаме Шар Планина, а тие имаат Скалести Планини. И двете се скалести, значи сме буквално иста држава.
- Ќе станеме 51-ва држава на САД.
Замислете: „Македонија, САД“. Има нешто епско во тоа. Ќе имаме свој сенатор, ќе гласаме за претседател, и ќе добиеме право да носиме маици со американското знаме и да велиме „We the people“ на македонски. Дури ќе имаме и уставно гарантирано право да бидеме глупави. Американците ќе бидат воодушевени – конечно, ќе имаат држава каде што знаат како се изговара името на главниот град (Солун, едноставно е, нели? Ах, не спомнавме ли дека Американците ќе нѝ помогнат да си ги вратиме некогаш изгубените територии). - Ќе ги научиме Американците на македонски традиции.
Замислете ги Американците како играат оро пред Белата Куќа, како јадат тавче гравче на Божик и како се обидуваат да го изговорат зборот „превртено“. Ќе биде еден голем меѓународен ТИК-ТОК хит. Чекај, Трамп повторно го дозволи ТИК-ТОК во САД, нели? - Ќе ги убедиме дека сме нивното тајно оружје.
Веќе имаме план: ќе им кажеме дека македонскиот „јазик“ е всушност шифра која може да ја пробие секоја друга шифра. Ајде бе, кој ќе нѐ провери? Американците ќе се заљубат во идејата и ќе нè прогласат за нивни најважен сојузник. - Ќе влеземе во ЕУ како американски претставник.
Ете го главниот потег: откако ќе станеме 51-ва држава, ќе испратиме делегација во Брисел и ќе кажеме: „ЕУ, ние сме тука како претставници на САД. Ако не нè примите, ќе ви ги блокираме сите филмови од Холивуд, а можеби и ќе престанеме да ви носиме гас со танкери.“ ЕУ, знаејќи дека не може да опстане без американски серии и филмови, а уште помалку без американскиот гас (нели, сега е прашање дали Русија ќе сака да им ги отвори вентилите, а ако сака, тогаш по која цена?), немајќи избор, ќе нè прими веднаш, со вонредна постапка.
И така, еве ја нашата визија: Македонија ќе стане мост меѓу САД и ЕУ. Ќе бидеме како она дете на разведени родители кое оди таму-ваму и добива подароци од двете страни. А најдобро од сѐ? Нема да мораме да чекаме на реформи. Само ќе кажеме: „ЕУ, ние сме веќе дел од САД, а САД е важен партнер. Што сакате? Да не нè отфрлите?“ и ќе почнеме да ги уценуваме да ги вработуваат нашите роднини и пријатели низ институциите на ЕУ (бидејќи нели, во нашата администрација веќе физички нема повеќе место).
И така, ете, проблемот решен. Македонија ќе влезе во ЕУ, ама преку САД. Затоа што ние сме Македонија – народ кој секогаш наоѓа алтернативен пат. Ако не може преку вратата, ќе влеземе низ прозорецот. Ако не може преку Брисел, ќе одиме преку Вашингтон.
Па, што велите? Дали сме генијални или сме генијални?