Бесмртна батерија?

Сподели го ова преку:


Колку пати денес го наполнивте вашиот телефон? Ако ви е купен во скоро време, сигурно го полните еднаш на еден ден или два, потоа со секојдневното користење, капацитетот на батеријата опаѓа, па мора да се дружите со полначот почесто.
Мобилните телефони користат литиумски батерии кои се доста скапи за производство во споредба со батериите за далечинското, но затоа имаат и опција за повеќекратно дополнување и поголем капацитет. Истите цилиндрични батерии кои се користат за напојување на лаптопите, само во поголема количина, се користат и за електрични возила денес, а најмногу во Тесла Моторс.
Сите овие батерии имаат рок на употреба не подолг од 8-10 години, но што би рекле кога би знаеле дека постои батерија стара 181 година која непрекинато работи?

Батеријата во Оксфорд е најстарата батерија која сеуште работи од денот кога е произведена во далечната 1840 година и напојува електрично ѕвонче кое до ден денес ѕвони. Првиот прототип на батеријата е направен 1825 година од Лондонските изумители Воткин и Хил, само 25 години откако е откриена првата батерија од италијанскиот физичар Алесандро Волта.
Ѕвончето во Оксфорд ги збунува научниците, произведено е со упатство дека ќе работи 3-4 години, но навистина ги премина сите граници,



Батеријата се состои од 2 цилиндрични ќелии во кои се претпоставува дека има околу 2000 слоеви на бакар и цинк наизменично поставени, а потоа се залиени со течен сулфур за да се задржи влагата на електролитот што ја покренува целата хемиска реакција. На краевите на цилиндричните ќелии се наоѓаат две ѕвона, а помеѓу нив обесено на свилен конец стои топчето кое има улога на чеканче. Принципот на работа е едноставен, топчето се приближува кон едното ѕвоно, се наелектризира и се одбива кон другото, таму го сменува поларитетот и се враќа кон првото ѕвоно. Процесот се повторува. Според некои пресметки досега има заѕвонето преку 10 миљарди пати и сеуште ѕвони. Напонот помеѓу краевите на батеријата бил 2000 волти кога била нова, што е значително голема бројка.
Ѕвончето е купено од Пречесниот Роберт Вокер во 1840 година за демонстрација на електицитетот во Оксфорд. Подоцна е заштитено со стаклено ѕвоно за да се пригуши звукот бидејќи станало предмет за изложба и пример за издржливост.
Научниците едвај чекаат да престане со работа Оксфордското ѕвонче, за да ја отворат батеријата и да ја откријат мистеријата за нејзината долговечност, но кога ќе биде тоа, сеуште не се знае.
Погледајте го прилогот во видеото што следува, а е снимено во 2016:



Сподели го ова преку:

Слични Објави