Сообраќајни решенија или како инфраструктурата одлучи да ни се потсмева

Контејнери протестираат, семафор губи око во меѓусебна пресметка, а пешаците се жалат дека нивните драми се пореални од “Игра на тронови”
Контејнери – Новите пешачки активисти
Ако некој се запраша зошто пешачкиот премин на некоја улица изгледа како сцена од филм за апокалипса, одговорот е едноставен: контејнерите одлучија да се вклучат во борбата за човекови права. Овие метални „протестанти“, кои со месеци стојат на истата позиција, очигледно имаат повеќе принципи од некои политичари. Нивната тактика? Блокирај го преминот додека не те слушнат!
Според неофицијални извори, контејнерите застанале таму откако виделе дека пешачкиот премин е само за декорација. „Со години ниту едно возило не застанува тука, а на знакот за пешачки премин му е толку смачено, што во последниве 2-3 недели зборува само за тоа како порано да си замине во пензија. Некој мора да ги претстави фактите!“ – изјави еден контејнер, кој сакаше да остане анонимен, но се препознава по рѓавото ребро.
Сепак, постои загриженост дека нивниот протест може да ескалира. „Се плашам дека ќе почнат да ‘трчаат’ пред автомобили за да им покажат дека пешаците се ранливи. Ако тоа се случи, ќе мораме да ангажираме психолог за возачите“, коментира експерт за сообраќајни кризи (и за кризи на средна возраст). Од друга страна, неофицијално дознавме дека некои авто-лимари во градот, едвај чекаат да ескалира ситуацијата и да заработат некој денар повеќе. „Ако веќе има инцидент, подобро да се случи помеѓу контејнер и возило, отколку помеѓу пешак и возило“. Додуша, мора да се сложиме дека е така.
Семафорот со ‘пиратски’ стил – едно око, но горд!
Додека контејнерите се борат за правда, еден семафор во градот одлучил да го симболизира концептот на „работа со половина ресурси“. Со црвеното светло исфрлено како да е во филм на Тарантино, овој семафор свети со достоинство, правејќи се дека ништо не му фали. Прашањето е: Кој му го извади окото?
Можностите се следниве:
- Меѓусебна кавга со соседниот семафор – „Ми го крадеш ритамот на зеленото!“
- Судир со возило на Брза помош – „Хипокритовата заклетва не важи и за нас! Не смееме да ги допираме!“
- Пешак со лоша координација – „Додека пишував коментар на Фејсбук, ми смени од зелено во црвено и од нервоза ми падна телефонот…“ – претпоставувате како се осветил.
Без оглед на причината, семафорот веќе еден месец е „болен“. Иако возилата на Брзата помош редовно минуваат покрај него, тие се однесуваат како да е невидлив. „Можеби мислат дека е само метафора за нивното време на интервенции“, се шегува еден граѓанин, кој чека зелено светло од пред Ковид пландемијата.
Заклучок: Инфраструктурата не е мртва, само е малку пасивно-агресивна
Изгледа дека градот е претворен во театар на апсурд (додуша, Прилеп, градот на театарот има токму таква театарска зграда – апсурдна): контејнери држат штрајк, семафори се борат со комплекси, а пешачките премини се посоодветни за коментари на социјалните мрежи, отколку за пешаци. Единственото решение е да ги слушнеме нивните молби:
- Контејнерите бараат преносливи лежишта и терапија за нивната хронична „неподвижност“.
- Семафорот бара хирург за LED светла и официјално извинување од Брзата помош.
А ние, граѓаните? Ние ќе продолжиме да објавуваме шеговити фотографии додека не нѐ прегазат. Или додека не донесат роботи сообраќајци. Што и да е попрво.