Чисти раце – валкана крпа?!

Сподели го ова преку:


Си ги миеш рацете со сапун и вода, се чувствуваш свежо и чисто. Но, ги бришеш рацете и забележуваш дека крпата не е чиста, иако ја користиш исклучиво за бришење на рацете откако ќе ги измиеш, а ја постави перена и сува пред само три дена!

Дали рацете не ти биле чисти?



Без гајле, чисти биле.

Вистина е дека крпите брзо можат да станат валкани, дури и ако грижливо ги пазиме. Но, зошто? Еве три причини:

  1. Микроби на гости: Дури и најдобриот сапун не ги уништува сите микроби. Некои мали суштества можат да останат скриени на кожата. Кога ја користиш крпата, тие често преминуваат од твоите раце на ткаенината. Ако крпата не ја переш често, тие мали гости се размножуваат и прават своја држава на твојата крпа.
  2. Неканети гости: Крпите не се стерилни сами по себе. Можат да бидат полни со бактерии и габи од разни места: мократа околина на бањата, други корисници, па дури и твоето тело (да, дури и косата и брадата се вклучени!). Со секое бришење, овие неканети гости добиваат бесплатен превоз до твоите чисти раце.
  3. Хотел за микроби – “Крпа”: Микробите сакаат влага и топлина. Влажна крпа од мокри раце им е како луксузен хотел со базен. Таму брзо се размножуваат и прават проблеми, па затоа и крпата почнува да мириса лошо. Спомнавме дека овој хотел нема собарки? Да, работата на собарките е ваша 😉

Што да правиш? Лесно! Редовно пери ги крпите – барем еднаш неделно. Суши ги добро по секое користење, за да не останат влажни. И да, не заборавај: секогаш кога ќе си ги миеш рацете, користи сапун и вода!

Со малку внимание, твоите раце и крпи ќе бидат среќни и чисти.

Ја користам оваа прилика да нагласам дека Македонскиот збор е „крпа“. Зборот „пешкир“ е србизам. Немаме ништо против Српскиот јазик, но треба да си го знаеме нашиот. Зборувајте (не говорете) Македонски. За оваа тема, некој друг пат.

А сега, извини… Треба да си ја исперем крпата за раце!

Насловна слика: Ketut Subiyanto
Слика со крпи: Karolina Grabowska



Сподели го ова преку:

Слични Објави