3-те најмалку расипувани возила во Февруари: Alfa Romeo, Volkswagen и BMW

Alfa Romeo на шлеп служба
Сподели го ова преку:


Општо е познато дека авто-механичарските сервиси се сметаат за природна околина на Alfa Romeo, Volkswagen и BMW, а Европскиот Институт за Автомобилизам (ЕИА) неодамна ги објави најновите заклучоци изведени од долгогодишното истражување кое го спроведуваше во текот на целава измината деценија, од почетокот на 2012, па до крајот на 2021-ва година.

Статистиките јасно покажуваат дека Alfa Romeo е најчесто расипуван бренд на возила, а веднаш по него следи Volkswagen, па со многу мала разлика следува BMW.



Специфично е тоа што истражувањето покажува дека сите овие три бренда, најмалку се расипуваат во текот на месецот Февруари, но интересно е тоа што истражувачите дошле до сосема различни причини поради кои се појавува феноменот на најретко расипување на овие возила токму во текот на Февруари.

Alfa Romeo на шлеп служба
Alfa Romeo на шлеп служба

Alfa Romeo, Volkswagen и BMW поради различни фактори, најмалку се расипуваат во Февруари

Ќе почнеме од BMW. Причината зошто BMW најмалку се расипува во Февруари е доста едноставна. Февруари е обично најладен месец и најчесто има снег, а општо познат факт е дека „BMW“ и „снег“ никако не одат во иста реченица (а посебно не оди BMW-то). Значи, причината е токму таа, најмалку се расипуваат во Февруари, бидејќи и најретко нивните возачи имаат можност да ги возат во Февруари.

Следува Volkswagen, за кој исто така главен фактор за најреткото расипување е студеното Февруарско време, но основната причина е сосема различна. Имено, главен проблем за сопствениците на Volkswagen е да го стартуваат моторот на ниските Февруарски утрински температури. Многумина се откажуваат после пола час неуспешни обиди, па заминуваат пеш, со такси, со автобус, или со Лада-та на сопругата. Логично, штом се возат помалку, помалку и се расипуваат.

Volkswagen во својата природна околина
Volkswagen во својата природна околина

Секако, најинтересна е причината за реткото расипување на Alfa Romeo во Февруари. Овие возила воопшто немаат разлика во нивното (не)функционирање во Февруари и останатите месеци. Исто како што може да се расипат и без да се возат во останатите месеци, така може и во Февруари, па научното објаснување од истражувачите е многу едноставно. Во Февруари има помалку денови од останатите месеци. Земајќи го во предвид фактот дека Alfa Romeo се расипува просечно еднаш до два пати дневно, статистички најмалку се расипуваат во Февруари поради недостатокот на денови во однос на другите месеци.

Alfa Romeo не мора да ја возите за да се расипи
Alfa Romeo не мора да ја возите за да се расипи

Како овие возачи да ги решат своите проблеми?

Решението на овие проблеми, ЕИА го гледа на различен начин за секој бренд. Па да ги разгледаме предлозите.

Возачите на BMW имаат опција да купуваат возило некаде при крајот на Октомври или во текот на Ноември, а да го продаваат во Март или ран Април. На овој начин, тие би го поседувале возилото само во текот на оние месеци кога најретко имаат можност да го возат, па со тоа и би искусиле најмалку дефеци на истото.

BMW на авто пазар

Во останатите месеци им се препорачува да возат велосипед, бидејќи според едно друго истражување, статистиката покажала дека возачите на BMW претставуваат голема опасност за останатите учесници во сообраќајот, посебно поради фактот што никако не научиле за што служи тоа рачето од левата страна на воланот, кое може да се турне нагоре или надолу. Повеќе авто-електричари нѝ потврдија дека во текот на годината, најмалку 7 до 10 возачи на BMW го носат во сервис своето возило, испаничени дека нешто крцнало, а на контролната табла се појавила зелена стрелка која трепка, а потоа набрзо самата се исклучила истовремено кога нешто повторно крцнало кај воланот.

BMW поседува опрема за индикација на насоката на движење, а тоа го има и во упатството на секое BMW возило
BMW поседува опрема за индикација на насоката на движење, а тоа го има и во упатството на секое BMW возило

За возачите на Volkswagen, ЕИА вели дека отпрвин сакале да препорачаат да си отворат авто-сервиси, но процениле дека ова решение не е баш добра идеја, бидејќи иако авто-механичарскиот сервис е природна околина за возилата на овој бренд, истиот е преценет, па многумина поседуваат возило од овој бренд. Отворањето на толку многу авто-сервиси, би значело сериозно презаситување на таа стопанска гранка, во размери каде тоа негативно би влијаело не само на таа, туку и на другите стопанки гранки.

Најсигурен начин за придвижување на Volkswagen во зима
Најсигурен начин за придвижување на Volkswagen во зима

Затоа, дошле на генијална идеја. Препорачуваат овие возачи обврзно да инсталираат греење во својата гаража кое ќе работи преку ноќ во ладните месеци, па така не би имале проблем да го стартуваат моторот наутро. Сепак, предупредуваат гаражата да има најдобар можен систем за вентилација, како возачот не би се задушил со јаглерод моноксид од издувот, за кој одамна е докажано дека е десетици пати над максимално дозволените граници. За оние кои немаат можност за гаража, препорачуваат да си купат возило од друг производител, а беџот со логото од оригиналниот производител на автомобилот кој го купиле, да си го заменат со беџ на VW, ако тоа прави да се чувствуваат подобро.

7-те генерации на Check Engine сигнализацијата
7-те генерации на Check Engine сигнализацијата

И за крај, советот од ЕИА за возачите на Alfa Romeo е – да пораснат. Во изминатава деценија пробале стотици различни начини на пристап кон проблемот со пре-честото расипување на овој бренд. Заминале дури до таму што комплетно опремиле гаража како авто-сервис и најмиле по еден авто-механичар и еден авто-електричар на полно работно време и купиле две идентични возила од овој производител, со цел едното да се вози, а другото да служи за резервни делови. Но дури и ова не се покажало како ефикасно решение, бидејќи и покрај сето ова, автомобилот повеќе време поминувал на поправки во гаражата, отколку во возење надвор од неа. Згора на сето, автомобилот кој стоел само за резервни делови, често пати се расипувал сам од себе и без некој да го допре, па често резервниот дел бил расипан и морало да се нарачува друг.

Ако и покрај овие факти, некој сеуште инсистира да вози Alfa Romeo, ЕИА препорачуваат да се примени слично решение како и за возачите на VW, т.е. да си купи Opel и да го замени беџот од Opel со беџ на Alfa Romeo, бидејќи местото за беџ одлично одговарало помеѓу овие два бренда на возила, но предупредуваат дека дури и торта со лого на Alfa Romeo се расипува многу пред очекуваниот рок на траење.

Кромид вест!Кромид вести се хумористично-забавни (најчесто невистинити) текстови напишани во стил на вест/известување.

Не заборавајте да го споделите текстов на вашиот ФБ профил, или уште подобро на профилот на некој ваш другар или роднина кој има Alfa Romeo, Volkswagen или BMW и да се посмеете заедно 😉

Фотографии од Ampersand72 и dennis на Foter и од архивата на Неозбилно.мк



Сподели го ова преку:

Слични Објави