ПЕЖО 408 ВО МВР: Од „Лавовско срце“ до „Мачор на церада“ за само три години

Сподели го ова преку:

СКОПЈЕ – Откако Министерството за внатрешни работи реши дека старите Шкоди со 500.000 километри веќе не се доволно „фенси“ за македонскиот полицаец, на улиците свечено продефилираа новите Peugeot 408. Со нивната аеродинамична линија, 215 коњски сили и дигитални табли како од „Војна на ѕвездите“, овие возила треба да бидат страв и трепет за криминалците. Наместо тоа, изгледа ќе станат страв и трепето за државниот буџет и мајсторот Петре од одделот за одржување.

​Еве зошто оваа „љубовна приказна“ меѓу француската елеганција и македонскиот асфалт ќе заврши како грчка трагедија.

​1. LED Фарови: Окото на лавот (кое чини колку два бубрези)

​Нашите полицајци се познати по тоа што со години возат Шкоди со еден неисправен фар, чекајќи сијаличката од 190 денари сама да се регенерира или да падне од небо како државна помош. Кај Пежото, фарот е софистицирана LED матрица која чини колку просечна плата на административец.

​Прогнозата е јасна: веќе во 2027-ма, македонските патишта ќе ги патролираат „еднооки лавови“. Бидејќи еден фар е над 1.000 евра, наместо нов дел, очекувајте врвно македонско инженерство: лепење на пукнатините со проѕирна самолеплива трака (селотејп) и молитва до Свети Никола да не заврне дожд за да не настане краток спој во „вселенскиот брод“.

​2. Менувачот – Најголемиот непријател на „брзи и бесни“

​Автоматскиот менувач со 8 брзини е чудо на технологијата, сè додека не дојде во рацете на полицаец кој треба да направи полукружно кај „Рекорд“ во три секунди. Кај нас национален спорт е префрлање од „Рикверц“ (R) во „Драјв“ (D) додека колата уште се тркала наназад со 20 км/ч. Овој јапонски менувач ќе испушти душа побрзо од батерија на Ајфон на февруарски студ во Берово. Кога ќе почнат да „крчат“ брзините, одговорот ќе биде: „Абе добро е, само малку посилно треба да ја потурнеш рачката“.

​3. Тендери за масло: Маслиново или машинско, исто е!

​Овој 1.6 PureTech мотор е како француска манекенка – ако не му дадеш најскапо синтетичко масло, веднаш ти прави сцена. Но, знаејќи како кај нас се добиваат тендери за „најниска цена“, во овие мотори веројатно ќе завршува масло со вискозитет на ладен маргарин со поминат рок на траење, купен од најблискиот маркет. По само 50.000 километри, каналите за подмачкување ќе се затнат како артерии по три дена јадење Прилепска скара, а турбината ќе почне да ја свири „Зајди, зајди“ погласно од полициската сирена.

​4. „Медот“ како лек за сите болки

​Кога моторот ќе почне да тропа како мешалка за бетон, на сцена стапуваат мајсторите со нивните „магични“ адитиви. Во моторот ќе се истури толку многу „мед“ за згуснување, што маслото ќе има конзистенција на домашен македонски ајвар. Резултатот? Колата ќе пали и ќе работи мирно, ама ќе развива брзина само ако ја пуштите од Плетвар надолу, во лер, со исклучен мотор.

​5. Статистички непобедливи: Скопје vs. Сите останати

​Додека Скопје статистички ќе го држи рекордот за најмногу искршени ретровизори и изгребани врати по тротоарите, остатокот од земјата нема да заостанува:

  • Тетово/Гостивар: Сериозни кандидати за целосно „самозапалување“ на електрониката поради градскиот метеж.
  • Прилеп/Битола: Овде Пежоата ќе страдаат од „синдромот на кратки релации“. Палење-гасење на секои 500 метри низ чаршија ќе ги наполни вентилите со гареж побрзо отколку што се полни кафана во петок навечер.

​6. „Донаторска“ мрежа: Три во едно

​За три до пет години, паркинзите зад полициските станици ќе личат на изложбен салон на отпад. Таму, покриени со прашина (или фамозната церада за да не се гледа срамот), ќе гнијат модерните 408-ки. Тие ќе служат како „магацин на отворено“. Ти треба браник? Има кај онаа во Куманово. Ти треба волан? Оди земи го од онаа во Велес, на таа ионака ѝ „прсна“ компјутерот.

ЗАКЛУЧОК:

Кога француската шминка ќе се измие од македонската прашина, пак ќе остане само добрата стара Шкода. Таа можеби има само еден исправен фар и тропа како трактор, ама барем не „паѓа во несвест“ ако ѝ ставиш гориво од некоја сомнителна пумпа. Пежото 408 е прекрасна кола за на француска ривиера, но во рацете на МВР, тоа е само најскапиот начин да се докаже дека кај нас и наковална може да се расипе, а камоли фин турбо-бензинец со дигитални „мушички“.

БОНУС: Оглас што ќе го читате за Божиќ, во 2028 година

СЕ ПРОДАВА: Peugeot 408 „Police Edition“ (Limited Series)

  • Километража: 120.000 км (на табла), 350.000 км (во реалност).
  • Состојба: „Пали-вози“ (ако знаеш која жица да ја споиш под воланот).
  • Опрема: Клима (дува само топло, идеална за зима), 3D табла (работи само во 2D бидејќи изгоре еден пиксел), и најсовремени ротации (малку се напукнати од град, ама светат како во дискотека).

Опис:

Возилото е од прв сопственик (Државата, значи ничие). Возено само на отворено (најчесто по тротоари и низ парк, но никогаш во затворен простор, како на пример гаража). Никогаш не е преоптоварувано, освен кога требало да се качат четворица во полна опрема и плус двајца приведени.

Предности:

  • ​Предниот лев фар е внимателно реставриран со оригинален, професионален проѕирен селотејп марка AERO (не пропушта вода до првото перење).
  • ​Моторот има уникатен звук – звучи како дизел, иако е бензинец (гратис адитив „мед“ во маслото).
  • ​Гумите се „слик“ (не затоа што се за трки, туку затоа што тендерот за нови беше неуспешен).
  • ​На задното седиште има траги од автентична македонска историја (флеки од бурек и јогурт).

Цена: По договор, или менувам за Skoda Octavia 2015 (со ваша доплата).

„Колата е како нова, ја возеше еден постар полицаец само до станица и назад (со 140 км/ч низ Центар).“

Сподели го ова преку:

Слични Објави