Завршена изградбата на тунелите на автопатот – останува да се изгради уште планината врз нив!

Сподели го ова преку:


Автопатот ќе се пушти веданш штом заврши изградбата на планината – изјавија надлежните.

Со голема радост известуваме дека тунелите на автопатот Крушево – Кратово, се целосно завршени! Конечно, после долгогодишна изградба и планирање, возачите ќе можат да поминат низ овие модерни тунели – штом ќе биде изградена планината врз нив.



Од надлежните служби велат дека до пуштањето во употреба остануваат само неколку ситници, како што се оформувањето на самата планина, озеленувањето на врвот и, секако, поставувањето на 5-6 наплатни центри за патарина, за да се осигура дека секој корисник на ова ремек-дело на инженерството ќе даде свој придонес во буџетот. „Цената на патарините ќе биде симболична и ќе изнесува само по 50 денари на секоја патарина“, изјави министерот.

Пред само 73 дена започна изградбата, а денес неколку министри симболично возеа низвеќе завршените тунели и изјавија дека едвај чекаат повторно да возат низ нив откако ќе се изгради и планината

Ова е историски момент за нашата земја, кој ќе го револуционизира патниот сообраќај и ќе го скрати времето на патување за илјадници граѓани. Пуштањето во употреба на автопатот се очекува до крајот на летото, а владата веќе најави нови амбициозни проекти. Веднаш по завршувањето на овој проект, започнува изградбата на автопатот Ресен – Дојран, кој ќе ги спои Преспанското и Дојранското езеро со брзина невидена досега. Покрај тоа, планирани се и неколку капитални инвестиции во патната инфраструктура, меѓу кои и првата подземна петта лента за престигнување, како и кружен тек со автопатска брзина – револуционерни решенија какви што нема никаде на друго место во Светот, т.е. Македонија ќе биде светски пионер со овие решенија.

Со нетрпение очекуваме да бидеме сведоци на овие револуционерни решенија, а додека тие се реализираат, возачите можат да уживаат во постоечката патна мрежа, која е вистински тест за издржливост – како на возилата, така и на нервите.

Забелешка: Оваа вест е измислена и има исклучиво хумористичен карактер.



Сподели го ова преку:

Слични Објави