14 проблеми од висок приоритет

високо горе
Сподели го ова преку:


Недостигот на висина им е проблем на многумина. Сите имаат желба да се високи, но да си висок, може да е и голем проблем.

Еве, споделуваме со вас проблеми на високите луѓе.



Проблеми од висока природа на Бојан

На пример, Бојан има мака во врската.

-Иако сме карактерно соодветни, мојата висина често пати е проблем. Посебно затоа што Јана сака да се шегува со мене и силно да ме притисне додека ме гушка. Колку и да е тоа чувство пријатно, ако неодамна сум јадел, гушкањето може да ми предизвика лошење – вели Бојан.

висок

Но има проблем и кога треба да вози.

-Ако не го вратам седиштето најназад, нозете ми пречат и не можам да управувам со управувачот, а трепкачи и брисачи практично не можам да вклучувам и исклучувам. Но барем ми е лесно кога само треба да држам правец додека возам право – се шегува на своја сметка.

…од голема помош му е сончевиот кров на неговиот автомобил за да ги исправи нозете, но потоа не може да го гледа патот.

-Морам и седиштето да го спуштам наназад, за да можам убаво да го гледам патот. Чувството е како да возам скап спортски автомобил, но по малку се плашам да не заспијам некогаш додека возам, бидејќи морам да возам во речиси легната позиција. Со претходниот автомобил имав проблем и со досегнување на менувачот, бидејќи од лежечка положба далеку е да се досегне. Лани си купив автомобил со автоматски менувач, па сега го немам тој проблем.

Жарко се нервира кога треба од високо да гледа туристички атракции

Висок проблем има Жарко кога треба да ги користи туристичките атракции со фиксен јавен двоглед.

-Редовно вежбам и морав да научам да правам шпага, за да можам да ги гледам атракциите со јавен двоглед – вели Жарко.

…но има големи проблеми и кога треба да следи спортски натпревари или кога посетува кино и театар.

-Најголем проблем ми е кога сакам да одам на спортски натпревар, во кино или на театар. Морам да платам 2 седишта и притоа да барам тие две седишта да се едно пред друго. Посебни проблеми имам кога седиштата се дијагонално монтирани, а редовно морам и да се расправам со други луѓе зошто држам две седишта. И покрај тоа што покажувам две карти, седиштата често пати не се нумерирани, а има безброј неразбрани луѓе. Понекогаш едноставно ја напуштам салата, но никогаш и никој не ми ги рефондира средствата.

Не е проблемот во мојата висина

Раде смета дека висината му е од корист, но според него, многу е дискриминирачки за високите луѓе тоа што таваните најчесто не се поставуваат на поголема висина од 2 метри и 40 сантиметри.

-Мојата висина е одлична кога треба да одберам производ, посебно ако производот е на повисоките рафтови. Но таваните најчесто се премногу ниско поставени, а често носачите ги поставуваат и пониско, па ја удирам главата. Чиста дискриминација за нас високите.

Другите имаат проблем, јас сум си Ок

Рори е висок само 2 метри и 47 сантиметри и вели дека тој нема посебни проблеми со висината, но затоа па имаат проблеми сестрите кога треба да ја измерат неговата висина при систематски преглед.

-Морав да се качам на бирото за да го измерам – вели Џени, сестра во еден здравствен дом во Њу Јорк.

Високи проблеми од фотографска природа

Стојанче тврди дека единствен проблем со висината има кога сака да направи селфи на кое се гледа целиот.

-Пробувам и со дополнителни огледала, но не бива. Обично кога сакам да сликам селфи на кое се гледам целосно, излегувам в град и барам некој поголем излог. Друго чаре немам. Ова е сериозен проблем за познат инфлуенсер каков што сакам да бидам.

Кире има сличен проблем, но него не му смета селфи фотографирањето, туку само фотографирањето за лични документи.

-Пред да се фотографирам за лична карта, морав да научам да правам шпага. Ианку беше неизводливо – вели Кире.

Проблеми кога работиш од високо

Горјан има проблем со висината кога е на своето работно место, но вели „се снаоѓам некако“.

-Работам во лабораторија и се снаоѓам некако. Најголем проблем ми е перењето. Морам да сменувам пантолони секогаш откако ќе седнам некаде на работа, бидејќи во лабораторијата можно е да има бактерии или вируси насекаде по подот – поради оваа причина, Горјан работното време претежно го поминува „на нога“.

Проблеми кои не се од висок карактер, но се директно поврзани со висината

Иринеј е висок 1 метар и 72 сантиметри. Токму така, не е надпросечно висок, но се нервира што многу ниски архитекти не ја земаат во предвид просечната висина на луѓето. Тој смета дека ниските архитекти се фрустрирани од својата низина, па бесот го пренесуваат во цртежите и својот гнев врз високите луѓе го исфрлаат преку своите проекти.

Климе исто така е просечно висок, со висина од 1 метар и 75 сантиметри. Слично како и Иринеј, тој смета дека некои мајстори не можат да се помират со фактот дека неговата висина е нормална, а нивната е проблем. Вели дека мајсторот го наместил аспираторот во нивната кујна многу ниско само поради инает. Иако тој сакал да го избрка, сопругата на Климе, Билјана, инсистирала мајсторот да го намести аспираторот на „стандардна висина“ (стандардна според зборовите на мајсторот), која неа всушност „совршено“ ѝ одговарала.

-Таа сега мудро молчи – вели Климе – иако два-три пати дневно ја удира главата во аспираторот додека готви. Ама, нема да повикам мајстор да го помести аспираторот повисоко, додека Билјана не ми се извини и признае дека бев во право.

Познавајќи ги жените, ние мислиме дека најдобро е Климе да ѝ купи шлем на Билјана, ако воопшто му е жал за неа, зошто во спротивно, Билјана цел живот ќе ја удира главата во аспираторот и истиот никогаш нема да се помести повисоко.



Сподели го ова преку:

Слични Објави