Спецификации на електричниот автомобил кој ќе се произведува во Македонија

Сподели го ова преку:


Деновиве постојано се зборува за електричниот автомобил кој ќе се произведува во Македонија, но никој не ги кажа неговите спецификации. Се потрудивме да дојдеме до некои информации и да ги споделиме со јавноста.

Името на автомобилот најверојатно доаѓа како фузија од желбата за одење на чекор понатаму и карактерните особини на некои од нашите политичари – Некст Е. Го, или скратено – Некст Его.



Се работи за комфорен автомобил кој ќе прекрши одредени законитости во физиката. Иако е мал автомобил, тој комотно ќе може да смести 5 возрасни лица, а со дополнителната вградена клупа која може едноставно да се подигне во задниот багажен простор, ќе може да смести и до 8 лица, по цена на намален товарен простор.

Товарниот простор изнесува неверојатни 850 литри со спуштена задна дополнителна клупа, при што во автомобилот може да се превезуваат до 5 возрасни лица. Или, ако се откажете од 200 литри багажен простор и одлучите да ја подигнете задната дополнителна клупа, тогаш остануваат 650 литри багажен простор, а во автомобилот може комфорно да се сместат до 8 возрасни лица.

Знаеме дека ова звучи нереално, но инжинерите овде создале фузија на технологии. Скицирале мал автомобил кој е лесно да се управува низ градскиот метеж, но во него предвиделе неверојатно голем простор за комфор на патниците и нивниот багаж. Притоа, фактот што автомобилот е мал, гарантира и ниска цена која нема да премине 14 000 евра. Нема основна или верзија со фул опрема. Единствената варијанта е – фул опрема.

Инжинерите не заборавиле на возачите со спортски дух, па така, овој автомобил располага со спортски режим на возење, со кој автомобилот може да се лансира од место до 100 км/ч за само 1,9 секунди, додека до максималните 347 км/ч забрзува за вкупно 7,3 секунди кога е во спортски режим.

Автомобилот е придвижен од 4 моќни електромотори сместени во секое од тркалата, кои се напојуваат од батерија со моќност од 500 киловат/часа, доволна за автономија до максиммалмни 2747 километри, ако автомобилот го возите во штедлив еко режим, кога забрзувањето од 0 до 100 е 4,7 секунди, а максималната брзина е лимитирана на 220 км/ч и се постигнува за 14,7 секунди.

Автомобилот располага со 6 зонски климатроник, електрика на сите прозори, електрични ретровизори, автоматско затемнување на ретровизори, електро-магнетна независна амортизација на сите тркала, следење на притисок во пневматиците, комплетно лед осветлување, автоматски брисачи, биометриско отклучување и дополниително отклучување со картичка доколку сакате да го позајмите некому вашиот автомобил, ABS, ESP, Hill Assist, Lane track, следење и архива на последните 5 сообраќајни знаци, автоматско паралелно паркирање, автоматско излегување од паркинг, автоматски 9-то степен менувач, старт-стоп систем … чекај, не. Нема старт-стоп систем. Нема потреба од тоа, нели 🙂

Автомобилот исто така располага со сателитски Интернет преку мрежата на Star Link и дополнително може да се поврзи на 3G кога не е во земја во која е достапен Star Link.

Се разбира, опремен е и со сензори и камери кои овозможуваат автономно управување, при што можете само да зададете адреса, а автомобилот автономно да ве однесе на саканата дестинација. На овој начин можете да им обезбедите автомобил на вашите деца или сопруга која не положила возачки испит.

Иако батеријата е 500 киловат часа, истата може да се полни од нормална електрична мрежа и целосно да се наполни за само 15 минути, при што реално од мрежа ќе повлече само 10 киловат/часа енергија. Ова е овозможено благодарение на вградениот флукс-кондензатор, развиен и патетнтиран од Некст и ексклузивно достапен само за ова возило.

Се разбира, автомобилот располага со фабрички вграден мултимедијален систем и компјутерска платформа која се однесува исто како и вашиот домашен компјутер или лаптоп, па така можете да работите додека сте во движење.

Предниот багажен просор инжинерите го предвиделе да се однесува како фрижидер и тоа со дополнителна комора за замрзнување. Ова го прави овој автомобил идеален како возило со кое ќе сакате да одите на летување.

Подвозјето е дизајнирано така што автомобилот има 3 висински конфигурации. Спортската е најниска и го спушта автомобилот на 15 центиметри над асфалтот. Градската конфигурација го подигнува автомобилот на 25 центиметри над асфалтот и е одлична за возење низ град. Третата конфигурација го подигнува овој мал автомобил на 40 центиметри од земјата и во комбинација со импресивната електронска амортизација, го прави идеално теренско возило.

Воопшто не треба да се грижите за стабилноста на возилото. За тоа се грижи самиот вграден компјутер, а помага и последната иновација на Некст – продолжени оски! Имено, кога сакате да фатите некој свиок кој е остар, а возите пребрзо, тоа не е никаков проблем за Его. Компјутерот автоматски ги издолжува оските на спротивната страна од свиокот и тоа за точно пресметана должина во однос на брзината со која се движите и острината на свиокот и безбедно завртува без никаков проблем.

Ппостои веројатност со последните достигнувања на Некст, следната верзија на Его да има можност за левитација, но инжинерскиот тим не сакаше да коментира ништо повеќе околу тоа.

Сигурно многумина од вас читате со неверување и сметате дека сето ова е нерелано, нели? Па секако дека не е за верување, ама други почнаа први, кажувајќи нѝ приказна за тоа дека фирма од Германија која имала 3-4 неуспешни обиди за производство на електрични автомобили во Германија и е во стечај, сега како феникс ќе се прероди во Македонија и ќе биде успешна.



Сподели го ова преку:

Слични Објави