евн шок
|

Поскапа струја од Јануари, но шокот ќе бил БЛАГ

Сподели го ова преку:

Деновиве циркулира вест за уште едно поскапување на струјата од Јануари. Сепак, политичарите смируваат – шокот ќе бил БЛАГ. Ова воопшто нѝ нема логика, па решивме да го активираме нашиот тим за истражувачко новинарство, со цел да ја разоткриеме мистеријата – како може да се плаќаат повисоки сметки, а шокот да е благ?

Бидејќи никој не сакаше сериозно да го сфати разговорот со нас, веројатно поради самото име на порталот – НЕОЗБИЛНО, никој не даде ниту изјава за нашите новинари, ниту пак било каква информација.

Сепак, ние имаме упорни новинари спремни за секаков предизвик, па веднаш почнаа со својата новинарско истражувачка работа. Максимално ги искористивме сите современи ресурси кои денешната технологија ги овозможува, па пребаравме со google, yahoo, duck duck go, brave search, yandex, па дури и со bing, но никаде немаше информација за тоа како може нешто да се поскапи, а шокот да биде благ.



Моравме да се потприме на нашата фантазија и после двочасовна бура од кромид идеи (brainstorming), конечно го најдовме решението. Најверојатно владата во моментов распишува тендер за набавка на големи количини на шеќер, кој ќе се пакува во пакетчиња од по 5 грама, како оние кои ги добиваме со кафето во кафетериите. Нашата претпоставка е дека овој шеќер ќе се употреби за субвенционирање на ЕВН, со цел да се ублажи шокот од повисоките цени. Овие пакетчиња шеќер, ЕВН би ги пакувале во ковертот заедно со фактурите за електрична енергија, па на овој начин шокот ќе биде поблаг за граѓаните.

Ова многу позитивно ќе се одрази кај граѓаните, посебно кај оние што имаат проблеми со шеќерот во крвта, па ако некој е непријатно изненаден од високата сума која треба да ја плати за струја и му падне шеќерот во крвта, сега би имал малку шеќер при рака, за веднаш да го консумира и со тоа да си го регулира недостатокот на шеќер во крвта. На овој начин, шокот ќе биде благ, а истовремено повеќе граѓани ќе го преживеат изненадувањето, со што сакале или не, ќе останат да им бидат клиенти на ЕВН и даночни обврзници на државата, а сето ова позитивно би влијаело на севкупната економија не само во земјата, туку и во поширокиот регион. Германија посебно ќе се израдува на оваа вест, бидејќи поради големиот недостиг на работна сила, моментално целото внимание им е насочено кон нашите граѓани, во кои гледаат спас и на економијата во нивната земја.

Иницијално, владата би ги покрила трошоците за набавка на шеќерот, но во фактурата за електрична енергија ќе се додаде ставка „надомест за шеќер“ со проектирана вредност од 5 денари по ќесичка од 5 грама.

Преку порталот Мој ЕВН ќе се воведе опција преку која граѓаните ќе можат да нарачаат да им се пакуваат и по 2 или повеќе пакетчиња шеќер во ковертот со фактурата за потрошена електрична енергија, а се шпекулира дека ќе има и можност преку која ќе може да се нарача да се пакува кафеав шеќер во вашиот коверт, за што би плаќале дополнителни 2 до 3 денари по пакетче.

Како што веројатно и самите заклучивте, ваква инвентивна идеја сеуште нема во ниту една друга земја во светот, па ова не само што Македонија ќе ја направи лидер во регионот, туку и во светот.

КРОМИД ВЕСТ

Хумористична, измислена вест, која има за цел да го насмее читателот
5/5 - (1 vote)



Сподели го ова преку:

Слични Објави